Кратка содржина
Карциномот на простатата (CaP) останува еден од најчестите малигнитети и водечка причина за морбидитет и морталитет кај мажите низ светот. Прогнозата и третманот во голема мера зависат од агресивноста на туморот. Во трудот е даден опширен осврт на повеќето биомаркери, кои се испитуваат во светски рамки, со посебно внимание на биомаркерите кои се достапни и се испитуваат во нашата замја.
Овој труд го истражува предвидувањето на агресивноста на CaP врз основа на компаративна анализа на стандардни биомаркери и наодите од мултипараметарска MRI (вклучувајќи MRI спектроскопија) во споредба со пре- и постоперативните патохистолошки резултати. Преку испитување на тоа како овие дијагностички модалитети се комплементарни, се настојува подобро да се разбере нивниот заеднички потенцијал за подобрување на предвидувањето и третманот на агресивните форми на CaP.
Во текот на изработката на Докторскиот труд направени се две студии и тоа:
Студија бр.1 “PHI и MR спектроскопија како водичи за рана дијагноза и третман на Ca на простата кај пациенти во сива зона на PSA”
Резултатите од оваа студија сугерираат дека воведувањето на Prostate Health Index (PHI) и mpMRI со MR спектроскопија кај пациенти со PSA во сивата зона може значајно да ја подобри точноста на раната дијагноза на CaP и да помогне во носењето на одлуки за третман.
Студија бр.2 “Компаративна анализа на патохистолошките наоди од биопсија на простатата и радикална простатектомија: разлики, значење и прогностички импликации”
Науката за прогностичките фактори кај CaP постојано се продлабочува. Нашето истражување ги потврди класичните параметри (Глисон, PNI, ЛВИ, маргини) како значајни и го истакна јазот помеѓу првичната (биопсиската) и конечната (хируршката) слика на болеста.
Овој труд претставува обид за унапредување на дијагностичките и прогностичките пристапи во процената на CaP. Очекуваме добиените резултати да дадат значаен придонес во подобрувањето на клиничките одлуки и индивидуализацијата на терапевтските стратегии кај пациентите со CaP.
Клучни зборови - Prostate Health Index (PHI), Мултипараметарската магнетна резонанца (mpMRI), Спектроскопијата со магнетна резонанца (MRS, MRSI), патохистолошката анализа, периневралната инвазија (PNI), лимфните и васкуларните емболуси (LVI), ресекциони маргини
Is data on this page outdated, violates copyrights or anything else? Report the problem now and we will take corresponding actions after reviewing your request.