За да може еден јазик да остане современ и витален, мора да бидe способeн да го изрази модерниот свет во сета своја разноликост и комплексност. Со брзиот технолошки развој, секоја година во светот се појавуваат илјадници нови поими и идеи во сите области од човековото творење на коишто треба да им се даде име и да се разберат. На тој начин, професионалните лица од одредена област ќе можат јасно и прецизно да комуницираат на својот јазик, преведувачите да ги преведуваат соодветно сите специјализирани поими во односната област, а говорителите на одреден јазик ќе можат побрзо и поефикасно да ги усвојат новите концепти коишто често се многу сложени. Врз основа на овие општи лингвистички насоки и францускиот јазик мора постојано да се збогатува со нови термини од сите области со што ќе може адекватно да ја изразува современоста. Всушност, збогатувањето на францускиот јазик е една од карактеристиките на современата јазична политика на Франција. Целта на овој труд е накратко да го објасни современиот административен систем за збогатување на францускиот јазик врз основа на одредени правни акти (Законот од 4 август 1994 година за употреба на францускиот јазик и Декретот од 3 јули 1996 година за збогатување на францускиот јазик). Системот за збогатување на јазикот претставува симбиоза на работењето на Генералната комисија за терминологија и неологија, специјализираните министерски комисии за терминологија и неологија кои се тесно поврзани со Министерството за култура и комуникации т.е. Генералната комисија за француски јазик и за јазиците на Франција, Француската академија, франкофонските партнери и другите сродни институции кои даваат своевиден придонес во терминолошкото збогатување на францускиот јазик