'The International Institute of Knowledge Management, Pvt, Ltd.'
Abstract
Воспитувањето ги оспособува луѓето за живот, им дава знаења, формира навики и умеења, развива способности, ги изградува човечките својства, го социјализира човекот, го хуманизира, вредносно го збогатува и му помага во осмислување на животот. Воспитувањето во духот на хуманизмот подразбира љубов, грижа и нега за човекот, свест за обврските, должностите и задачите кон него, пријателство, солидарност, како и борба за неговите права и еднаквости. За хуманизмот пишува уште Цицерон подразбирајќи „ највисок културно – етички развој“ на човекот. Хуманизмот е темел на моралот, а за идеал го има човекот и човечкото. Од хуманизмот произлегуваат сите останати морални начела.Хуманистичкото воспитание има за цел да го поттикне процесот на самоактуелизација на поединецот, развој на чувствата за сопствена вредност и позитивна слика за себе, поттикнување на развојот на автентичност и оригиналност, а со тоа и создавање на сопствен состав на вредности. Хуманистичкото воспитание има за цел и усвојување на одреден состав на општествени вредности со кои се овозможува на поединецот да ги оствари своите настојувања за сопствена актуализација. Хуманистичкото воспитание подразбира: воспитание за позитивна слика за себе, воспитание за хуман однос меѓу жени и мажи, воспитание за човекови права.
Според начелата на основното образование во Република Северна Македонија, основното образование се развива врз основа на: најдобар интерес и целосен развој на ученикот; еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност; унапредување на сличностите и прифаќање на различностите, интеркултурност, мултикултурализам, интеркултурализам и мултикултурност итн. Концепцијата за основно образование (март 2021) година се потпира на инклузивноста, родовата сензитивност/рамноправност и интеркултурноста како клучни принципи и е директно поврзана со Националните стандарди за основно образование што ги даваат насоките кон кои треба да се стреми целокупната организација и реализација на воспитно-образовниот процес во основните училишта.
Наша цел во овој труд е да видиме колку, преку програмата и програмските содржини во прирачникот „Образование за животни вештини“ и преку фокусираното набљудување на часот на одделенската заедница, наставниците имаат можност и перспектива да делуваат врз хуманизацијата на учениците. Истражувањето е направено во поголем обем, опфатени се повеќе училишта од градски и рурални средини. Меѓутоа, овде ќе истакнеме еден мал дел од ова истражување