Трудот претставува прв дел од семиолошката анализа на ликовите во романот „Дублер“ од Димитар Солев од аспект на нивната семантичка интеграција и морална деградација. На почетокот од овој текст се дадени книжевно-теориските согледувања за ликот како една од суштинските категории на наративните книжевни структури, а особено внимание е посветено на техниките за интегрирање на книжевниот лик (име и презиме, портрет, биографија, генеалогија, предикати на ликот, вербални предикати на ликот и сетинг). Во овој (прв) дел од трудот доминираат книжевно-теориските аспекти, а конкретна анализа е извршена само врз еден лик од романот – Серафим Деспотовски. Семантичкото интегрирање на преостанатите ликови од овој роман се елаборира во вториот дел од овој труд објавен, исто така, во списанието Литературен збор (год. XLVIII, бр. 5-6, 2001, стр. 49-59)