Сајбер нападите за многу брзо време прераснаа во една од водечките закани врз комплетниот безбедносен систем како на национално, така и на глобално ниво. Полето на искористување на овие напади од ден на ден е сè поголемо, што е причинето пред сè од сè поголемата компјутеризираност на секоја гранка во индустријата.
Сè поголема е свеста и кај најмалите познавачи на оваа проблематика дека сајбер закана може да предизвика огромни штети кои не би се разликувале од штетите нанесени со било каква воена операција, а сајбер оружјето, на многу посуптилен начин, може да одземе повеќе животи од било каков конвенционален напад.
Владите низ целиот свет, како и сите големи светски организации, се подготвуваат да се справат со овој масивен технолошки повик за закани од глобални размери. Свеста за заканата и ризиците е висока, што условува, и покрај кризната економска ситуација во светски рамки, издвојување на голема сума на пари со цел подготовка за одговор на нови вонредни состојби кои би биле причинети од глобалните сајбер напади.
Работата во овој труд се фокусира на сајбер нападите како глобална безбедносна закана со огромни импликации не само врз поединци или системите на една компанија, туку и врз комплетниот безбедносен систем на една држава, со можност за предизвикување на кризи од многу пошироки размери. Посебен акцент се става врз најновите индустриски напади, кои според најголем број истражувања од релевантни организации во оваа област, се ставени како најголеми моментални сајбер закани и меѓу најголемите глобални закани воопшто