Article thumbnail

Влијание на вежбовната активност за преживување во природа врз параметрите кои го дефинираат липидниот статус

By Tatjana Ruskovska, Orce Eftimov and Irena Apostolova

Abstract

Вовед. Дислипидемијата претставува еден од најзначајните фактори на ризик за појава и напредување на атеросклерозата. Денеска постојат современи концепти за борба против ова заболување кои во прв ред вклучуваат доследна примена на терапевтските мерки за промена на стилот на живеење (начин на исхрана и физичка активност) и, доколку е неопходно, терапија со статини. Цел на трудот. Целта на оваа студија е да се одреди влијанието на 10-дневната вежбовна активност за преживување во природа врз четирите основни параметри кои го дефинираат липидниот статус (вкупен холестерол, триглицериди, HDL-холестерол и LDL-холестерол) и да се изврши споредба на добиените резултати со вредностите кои се добиени за пациенти со дислипидемија по 6-неделен третман со ловастатин. Пациенти и методи. Во студијата се опфатени 12 здрави испитаници од машки пол кои се ангажирани во планска вежбовна активност за прежививање во природа според стандарден протокол, како и 12 мажи со примарна дислипидемија кај кои е индицирана терапија со статин. Концентрацијата на вкупен холестерол и триглицериди е одредена со стандардни методи на автоматскиот биохемиски анализатор Olympus. На истиот анализатор со директна метода е одредена и концентрацијата на HDL-холестерол. LDL-холестеролот е одреден со Friedewald-ова формула. За сите пациенти и испитаници е пресметан и ризик-факторот: вкупен холестерол / HDL-холестерол. Резултати. 10-дневната вежбовна активност за преживување во природа предизвика статистички сигнификантна промена на испитуваните параметри и тоа: намалување на концентрацијата на вкупниот холестерол (4,8±0,9:4,0±0,6mmol/L; p<0,01), намалување на концентрацијата на HDL-холестеролот (1,22±0,26:1,11±0,23mmol/L; p<0,01) и само умерено намалување на ризик-факторот, за 10% (4,0±0,8:3,6±0,6; p<0,025). Опаѓање на серумските концентрации беше регистрирано и кај триглицеридите и LDL-холестеролот. 6-неделната терапија со ловастатин ги предизвика следните промени: намалување на концентрацијата на вкупниот холестерол (7,7±1,8:6,1±1,6mmol/L; p<0,001), зголемување на концентрацијата на HDL-холестеролот (0,86±0,29:0,99±0,24mmol/L; p<0,01) и значително намалување на ризик-факторот, за 35% (9,6±3,1:6,2±1,1, p<0,001). И кај оваа група беше регистрирано опаѓање на серумските концентрации на триглицеридите и LDL-холестеролот. Заклучок. Концентрацијата на холестерол во заштитната HDL фракција сигнификантно опаѓа во услови на краткотрајно екстремно редуцирана исхрана. Овие резултати се во прилог на фаворизирање на концептот за рационална исхрана комбинирана со умерена физичка активност за постигнивање на целните вредности на параметрите кои го дефинираат липидниот статус. Употребата на статини е неопходна кога за тоа постои индикација

Topics: Basic medicine, Clinical medicine
Year: 2010
OAI identifier: oai:eprints.ugd.edu.mk:2735

Suggested articles


To submit an update or takedown request for this paper, please submit an Update/Correction/Removal Request.